|
![]()
|
||||
|
|
ПРИРОДНИ УБАВИНИ: РАТКОВА СКАЛА ЈАДИ, ЈАДИ РАТКО
- Ова беше еден невообичаен марш на ПСД "Осогово" до Раткова Скала во кој учествуваа 31 планинар, за среќа 27 од нив беа деца, раскажува за идејата нивниот водич Сашко Стефановски. За пофалба е тоа што имаме се повеќе средношколци кои можеме да ги оттргнеме од секојдневието и да ги посветиме на убавините што не окружуваат. На 10-12 километри од селото Пантелеј, во правец на североисток се наоѓа голем карпест отсек познат како Раткова Скала.
Легендата вели дека во многуте пештери во таа скала имало орлови гнезда каде се изведувале мали орли, а во некои имало пчели. Се претпоставувало дека таму биле закопани и многу богатства од античко време. Мештаните од тој крај раскажувале дека оваа скала го добила името по некој Ратко кој често се качувал во пештерите да вади мед. Секој ден останувал се подолго и подолго. Тие го предупредувале да не јаде многу мед, за да не му се слоши. Му викале: - Јади, јади Ратко додека ти е слатко! Еднаш прејал, па му се слошило и паднал во провалијата, од височина од околу 300 м. По него останало името Раткова скала.
Раткова Скала дава прекрасен видик на историското место Свиланово, каде загинал Никола Карев, но и кон Пробиштип и Злетово. На тој дел се распознаваат неколку локални рудници за неметали кои во моментот не се активни. Инаку, целиот тој терен е карпест. Тоа се вулкански карпи што значи богатство од минерали и руда. Од другата страна почнува Кратовско-злетовскиот дел, а овде во минатото минувала и маршрутата на трите манастири: Свети Јоаким Осоговски, Свети Гаврил Лесновски и Свети Пантелејмон. Ова е фантастично место и за параглајдери, бидејќи оттаму може да се лета директно во Пробиштип.
Раткова Скала ги има сите перформанси да биде туристичка мета. Таа сe уште е безбедно место за живот на орлите и мотив за многу истражувачи на флората, но и на карпестата уметност. |
ОПШТИНА КОЧАНИ
|
||