Синоќа, во салата на ОМУ „Ристо Јуруков“, солистички концерт на пијано приреди Благица Арсова, матурантка од Државниот музички училиштен центар „Сергеј Михајлов“ од Штип, во класата на проф. Славчo Величков.

Арсова настапи со дела од Бах, Бетовен, Рахмањинов и Шопен, а на крајот свиреше четирирачно со својата школска другарка од Кочани, Сезен Асимова.

Во своето поздравно обраќање пред публиката, Арсова истакна дека досега настапувала на многу сцени, но концертот во Кочани, на пијаното на кое го започна школувањето, ѝ е посебно драг.

За успехот на Благица Арсова говореа и нејзиниот професор Величков, како и директорката на ОМУ „Ристо Јуруков“, Елизабета Георгиева, која го истакна задоволството што ученичката на генерацијата од пред четири години, ја задржала таа титула и во средното образование.

Во текот на школувањето Арсова има освоено бројни високи награди на државни и меѓународни натпревари, а минатата година настапи како солист со оркестарот при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ на концертот по повод 70-годишнината на училиштето. Има посетувано часови кај професорите Јуриј Кот, Ѓорѓе Милојковиќ, Владимир Млинариќ и Александар Сердар.