Од 26 септември до 1 октомври ќе се одржи дваесет и шестото издание на најголемата културна манифестација во Кочани, „Денови на кочанскиот ориз“.

Манифестацијата ќе започне во вторник напладне, со ликовен настан што ќе се одржи во фоајето на Центарот за култура „Бели мугри“.

Следниот ден е предвиден за два книжевни настана: промоцијата на монографијата „Горни Подлог низ историјата“ од Илија З. Стојанов, којашто ќе се одржи во дворот на црквата „Свети Јован Крстител“ во Горни Подлог, а во 18 ч. во Летната бавча на Библиотеката „Искра“ ќе биде промовирана збриката раскази „Говорот на срцето“ од Славица Цветкова.

В четврток, на 28 септември во 19 ч. во ЦК „Бели мугри“, Народниот театар од Штип ќе ја прикаже претставата „Отворач на конзерви“.

На 29 септември во 20 ч. на Летната сцена во Центарот за култура „Бели мугри“ ќе се одржи традиционалниот Избор на жетварска убавица, на кој ќе настапи атрактивната музичарка Сара Мејс. В петок, во 11.30 ч. во Трговскиот центар во Кочани ќе се одржи Веломитинг, а Кошаркарскиот клуб „Баскет Дино“ во Спортската сала во Кочани ќе организира Турнир во кошарка за младинци.

В сабота, на 30 септември, во Туристичкиот инфоцентар на Пониква ќе се организира прием на делегациите – гости на манифестацијата. Од 11 до 18 ч., на Летната сцена ќе се одржи културно-забавна програма под мотото „Знаеме, сакаме, твориме во чест на оризот“, на која ќе настапат музички, ритмички, фолклорни состави и ансамбли, а учество ќе земат и децата од Детската градинка „Павлина Велјанова“ и учениците од основните и средните училишта од Кочани. За време на оваа програма, покрај кејот на Кочанска Река на штандови ќе се претстават институции и здруженија. Меѓународниот фолклорен концерт ќе се одржи во салата на Центарот за култура „Бели мугри“, со почеток од 19 ч., а од 21 ч. во Трговскиот центар, публиката ќе ја забавуваат Игор Џамбазов и Гуру Харе.

На 1 октомври, во 10 ч., на нива кај Институтот за ориз ќе се изведат традиционалните обичаи зажнејување и вршидба, а од 11 ч. во Паркот на Револуцијата, ќе биде прогласен најуспешниот земјоделец, ќе се прикажат етноелементи од Кочани и Кочанско, ќе има дегустација на специјалитети од ориз. Во музичкиот дел, од 11 ч. ќе настапи Ефто Пупиновски.

Манифестацијата се реализира со средства од Буџетот на Општина Кочани и со поддршка на повеќе компании: Левидиагро, Амфенол, Антура, Шампињони, Јумис и др.