Со промоција на новото спомен-обележје на Никола Карев во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани, денеска беше одбележана 113-годишнината од смртта на големиот македонски револуционер, идеолог и претседател на Крушевската Република.

На свеченоста присуствуваа заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески, директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, градоначалници од Источниот плански регион, потомци на Карев, делегации од Крушево и здруженија на граѓани.

Поздравувајќи ја регионалната иницијатива, заменик-министерот за локална самоуправа, Дејан Павлески изрази подготвеност за поддршка на вакви проекти коишто со вмрежување и популаризирање можат да му дадат посилен импулс на развојот на регионот.

– Историскиот настан поврзан со една од најмаркантните фигури од подалечната историја на Македонија е поврзан со можноста за посета на излетници, туристи, викенд-посетители, вљубеници во природата, рече во обраќањето градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи повика да се креирааат што повеќе проекти со регионален предзнак, коишто ќе ја поттикнуваат меѓуопштинската соработка.

Со проектот „Изградба на спомен-обележје на местото на загинувањето на Никола Карев, Свиланово“, на површина од околу 500 метри квадратни се изврши рамнење на теренот, поплочување и поставување на летниковци и урбана опрема, осветлување со сончеви светилки.

Проектот е финансиран од националниот буџет преку Програмата за развој на планските региони за 2017 година од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој со кофинансирање од општините Кочани и Чешиново-Облешево и вкупно чини 5.647.000 денари.