Со цел да го запознаат со проектите што ги реализираат на локално и на регионално ниво, претставници на Амбасадата на Швајцарија се сретнаа со новоизбраниот градоначалник на Општина Кочани, Николчо Илијев.

На средбата беа разменети информации за проектната организација и за функционирањето на Проектот за третман на отпадните води и на неговите компоненти, моментно како еден од најголемите финансиран од Швајцарија.

Претставниците на Амбасадата разговараа и за утврдувањето на новите тарифи за водни услуги, барање поднесено од КЈП „Водовод“ коешто се наоѓа пред Регулаторната комисија.

Според градоначалникот Илијев и најмалата промена на цената на водните услуги негативно ќе влијае на расположението на потрошувачите. Илијев истакна дека изградбата на Пречистителната станица е проект на идните генерации, но тешко е на луѓето да им се зборува за иднината кога имаат лоша сегашност. Сепак, за доброто на идните генерации тој ја нагласи целосната поддршка во реализацијата и се заблагодари за капиталниот проект поддржан од народот на Швајцарија.

Градоначалникот Илијев и гостите од Амбасадата на Швајцарија го посетија градилиштето во Мојанци каде утврдија дека Пречистителната станица е во градежна фаза, а се гради и главниот колектор којшто ќе ја одведе отпадната вода од градот до станицата. Ако работите се одвиваат според планот, до крајот на 2018 година, Пречистителната станица ќе биде пуштена во работа.

Средбата со претставниците на Амбасадата на Швајцарија, градоначалникот Илијев ја искористи да разговара и за идните можни проекти, развојот на Пониква како ски-центар и за искористувањето на геотермалните води за бањски центар.