Романот на годината „Одбројување“ од авторката Фросина Пармаковска беше промовиран пред кочанската публика.

За делото, преку неговите ликови зборуваше Ѓоко Здравевски, а извадоци од романот читаше Мери Каровска.

– Наградата „Роман на годината“ се доделува по 19. пат. Досега ја доделуваше Утрински весник кој за жал згасна минатата година, но една екипа ветерани од тој весник сфатија дека со згаснувањето на весникот ќе згасне и една убава традиција на доделување на наградата, па затоа решивме да направиме фондација која ќе ја продолжи наградата. Сега сакаме романот на годината да биде промовиран во повеќе градови од државата, рече Звездан Георгиевски, Фондација „Славко Јаневски“.

Пармаковска истакна дека тоа што делото е прогласено за најуспешен роман во 2017 година е посебно значаен момент што придонесува за негова дополнителна афирмација.

Љубителите на пишаниот збор имаа можност да се снабдат со примероци од романот, кои ги потпишуваше авторката.

Настанот го организираа Општина Кочани, Библиотеката „Искра“ и Фондацијата „Славко Јаневски“.