Околу 200 деца од големите воспитни групи од петте објекти на градинката „Павлина Велјанова“ од Кочани учествуваа на Детската олимпијада што се одржа во Спортската сала „Никола Карев“ во Кочани.

Под менторство на професорот Николчо Колев, децата се натпреваруваа во пет спортски дисциплини, прилагодени на нивната возрасна категорија.

Учесниците и присутните ги поздрави градоначалникот Николчо Илијев, кој истакна дека организирањето нa манифестацијата е од огромно значење за развивање на спортскиот дух кај најмладите, но и вистински начин за градење заедништво, другарување и забава.

– Веќе петта година по ред ја организираме оваа Детска олимпијада како заокружување на спортските активности што се реализираат на текот на целата воспитна година под менторство на професор Николче Колев, со цел кај децата да развиеме љубов кон спортот, да ги насочиме кон определување за спортски активности, да развиеме спортски вештини и натпреварувачки дух, и пред сè да ги постигнеме стандардите за рано учење и развој, рече Лидија Серафимова, директорка на Детската градинка „Павлина Велјанова“.

Детската олимпијадаима за цел да го подигне нивото на здравиот моторички и интелектуален развој кај најмладите и да ја подобри здравствена култура.

Манифестацијата ја организира Здружението Општински спортски актив – Кочани со средства од буџетот на Општина Кочани.