Во организација на Федерацијата на фармери на Република Македонија и во соработка со кооперативата Агро Подлог во кочанското село Горни Подлог се одржа петтата Јуфкијада.

– Целта на овој настан е да ја задржиме традицијата на македонската трпеза, затоа што само со традиционално подготвена и здрава храна може да имаме здрава нација – изјави Ружа Стоимилова од кооперативата Агро Подлог при Федерацијата на фармерите.

Според Љубица Џониќ, национален координатор на Мрежата на жени-фармери при Федерацијата на фармери, главната поента на оваа манифестација е поддршка на женското претприемништво во руралните средини. Џониќ истакна дека манифестацијата покажува дека во руралните средини жените можат преку традиционалната храна да дадат придонес во семејниот буџет.

Настанот којшто се организира во рамките на проектот „Институционална соработка на ФФРМ“ го поздравија Никола Стаменов, претседател на Федерацијата на фармери и градоначалникот на Општина Кочани, Ратко Димитровски. На овогодишната Јуфкијада учествуваа жени од Ресенско, Преспанско, Битолско, Неготинско, Беровско и Кочанско.

Собраните средства од продажбата на јуфките ќе бидат наменети за децата со посебни потреби од Кочани.