Годинава, Општина Кочани ја прошири листата на услуги во Програмата за социјална, детска и здравствена заштита со воведување мерка за основни систематски прегледи со анализи за превенција на болести кај жените и кај мажите.

Со Правилник и со договор за соработка со Јавната здравствена установа Општа болница со проширена дејност – Кочани, се уредени начинот и условите за одобрување на финансиската помош на социјално загрозените граѓаните кои ќе можат да користат два вида лабораториски услуги: основна и посебни анализи – за откривање рак на простата и рак на дебелото црево.

– Оваа мерка е внесена да создаде можност за превенција од тешките болести кај социјално ранливите групи, но и како родово одговорна мерка од областа на здравствената заштита во која им се дава еднаков пристап до здравствените услуги и на жените и на мажите – соопштуваат од Секторот за општи и правни работи од Општина Кочани.

Посебните анализи со тумор-маркери на простата и на дебелото црево се земени според процентот односно растот на заболени во Кочанско од овие тешки болести кај мажите и кај жените.

Финансиската помош за анализи и лабораториски услуги за рано откривање болести е во висина од 2 000 денари по барател, а според програмските документи на Општината, за овие лабораториски услуги годинава се определени 30 000 денари.